Ден на македонскиот јазик

„Јазикот е нашата татковина“. – Блаже Конески

Јазикот е духовно и културно наследство на еден народ и треба да се негува и пренесува од поколение на поколение. Затоа, по  повод  денот на македонскиот јазик  05.05.2022, НУ Спомен куќа на Мајка Тереза во соработка со писателката Елизабета Баковска направија промоција на книгата за деца со наслов „ Мајката и инаквите приказни“  од истоимената авторка. Оваа книга во себе содржи 13 приказни кои имаат за цел да ја развијат фантазијата на децата и да ги поттикне да ги вербализираат чувствата кај себе и кај другите.

На интерактивната промоција учество земаа учениците од  II-2 одд. од О.У. Јохан Хајнрих Песталоци, заедно со наставничките Евдокија Петрушевска и Марина Зафировска. Дечињата  најпрво низ игра одговараа на прашања поврзани со македонската азбука и македонскиот јазик кои беа извлекувани од магичниот шешир на знаења. После квизот на знаења беа запознаени со содржината на книгата од која писателката им прочита две приказни, а потоа сите ја илустрираа приказната која најмногу им остави впечаток.

На крајот дечињата од II-2 ја испеаја песната “Кирилица“ од Влатко Стефановски

Во продолжение е галеријата со цртежи направени од вредните рачиња на учениците.