За музејот

ПОСТАВКА

Галерија

Внатрешноста на изложбениот простор во спомен-куќата на Мајка Тереза е направена со цел да потсетува на типична градска куќа од Македонија на почетокот на XX-от век.

Поставката започнува со фотографии од старо Скопје од почетокот на дваесеттиот век кога Македонија сѐ уште била дел од Отоманската империја, а со цел да се долови духот на овој дел од Балканот како крстосница меѓу ориенталниот Исток и христијанскиот Запад. Преплетувањето на културите се проткајува низ секоја нишка на секојдневјето и е најдобро илустрирана преку изложениот мебел, кујунџиските изработки, облеката итн.

Концептот на изложбата е да се следи животниoт пат на Мајка Тереза од нејзиното детство поминато во родното Скопје преку годините поминати како Мисионерка на Милосрдието, па сѐ до нејзината смрт и беатификација.

Најзначајни предмети изложени во музејот се белото сари со сини ленти (второстепена реликвија), кое е нејзин знак на распознавање и воедно официјална униформа на Мисионерките на Милосрдието, копија од крштеницата издадена во католичката црква „Пресвето срце Исусово“, авторизирани копии од документи со нејзин ракопис и добиени награди.

Меѓу документите се изложени и молитвеникот напишан од Мајка Тереза, копија од Нобеловата награда за мир добиена во 1979 година, како и копија од писмото пратено до градоначалникот на град Скопје, Методи Антов, по повод добивањето на наградата.

Поставката располага со многубројни фотографии кои на најдобар начин ја доловуваат хуманитарната работа на Мајка Тереза и на сестрите од нејзиниот ред.

Амфитеатар

Подрумскиот дел од музејот е конципиран како мултимедијален простор каде што се одржуваат проекции, промоции, едукативни проекти и времени изложби поврзани со животот и делото на Мајка Тереза и воопшто со хуманитарната работа на луѓето од целиот свет.

Капела

Над изложбениот простор се наоѓа капела каде што свештеници од католичката црква одржуваат миси. На свечените миси, поврзани со значајни датуми од животот на Мајка Тереза, се изложува нејзината првостепена реликвија.