Изложба „Мајка Тереза- Светица од Скопје, Светица на целиот Свет“

Катовице, 22 мај 2017

Во Катовице, Р.Полска, во 12 часот беше отворена изложбата посветена на животот и делото на големата хуманистка Мајка Тереза.
Изложени се 24 колажи со фотографии и текстови, преку кои се прикажува старо Скопје-родниот град на Мајка Тереза, детството и младоста на Гонџа, преминот од Гонџа во сестра Тереза, позначајни награди, нејзината смрт, беатификацијата и канонизација.

Изложбата претходно беше прикажана во Рим на 04.09.2016 година по повод канонизацијата на Мајка Тереза, а сега доаѓа и во Полска со мали промени во концептот и нагласување на полските врски, односно добивањето на титула почесен доктор, посетите на полски религиозни центри и средбите со папата Јован Павле Втори.

На свеченото отварање пред големиот број присутни се обратија заменик директорот на Институтот за словенски јазици при Шлезискиот Универзитет, Магда Блашак и директорот на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза, Скопје, Рената Здравковска Кутера.

Преводот на текстовите за изложбата го направија студентите што студираат македонски јазик на Шлезискиот универзитет со помош на лекторката Елена Мицевска Змејкоска.
Изложбата е поставена во Центарот за научни информации и академска библиотека. Ќе трае до 10 јуни, по што е предвидено да патува и во други градови во Полска.