Мајка Тереза

ДЕТСТВО И МЛАДОСТ

Гонџа Агнес Бојаџиу е родена на 26 август 1910 година, на тогашната улица „Поп Кочина” број 14, што се наоѓала на сегашниот плоштад Македонија. Таа била најмалото дете во семејството, имала една постара сестра Ага и еден постар брат Лазар. Ага е родена во 1904 година, а Лазар во 1907 година. Податоците за таткото на Гонџа, Никола Бојаџиу, не се докрај расчистени. Според едни тој бил трговец, а според други аптекарски помошник. Тој бил и член на Советот на Скопје како единствен католик. Починал во 1919 година. Мајката Драна била домаќинка и исклучително религиозна жена. Таа потекнува од фамилијата Бернај од Призрен, Косово. Татко ѝ бил трговец и големопоседник.

Гонџа потекнува од добростоечко семејство во кое владеело правилото да се помогне на секој на кој му е потребна помош. Драна била вредна жена и за да им овозможи на децата сигурен живот, по смртта на Никола, почнала да шие и да везе.

Се верува дека името Гонџа го избрал нејзиниот татко. Тоа е турско име и значи пупка или цвет од роза. Кога таа навршила седум години, тргнала на училиште, прво во црквата „Пресвето Срце Исусово”, а подоцна и во државното училиште. Во Католичката црква во Скопје, каде што била крстена само еден ден по своето раѓање, ја примила и првата причест. Гонџа пеела во хор, играла во црковниот и градскиот театар, танцувала, рецитирала, свирела мандолина, пишувала поезија.

Во почетокот на XX век, католичката црква „Пресвето срце Исусово“ во Скопје, била водена од редот на Исусовци. Отец Фрањо Јамбрековиќ, често пати на верниците им читал писма од мисионерки од Индија и Африка и живописно им го објаснувал животот на мисионерките.

Така, тој одиграл голема улога во одлуката на малата Гонџа да замине за Индија и да го посвети својот живот на Бога.

На 12-годишна возраст, добивајќи повик од Бога, таа ја донела конечната одлука да го напушти Скопје.

По шест години таа конечно го напушта родното Скопје. Од железничката станица во Скопје, заминува за Даблин, Ирска. Заедно со мајка ѝ Драна и сестра ѝ Ага заминуваат за Загреб. Оттаму, по две недели и по последната средба со мајка ѝ и сестра ѝ, Гонџа заминува за Ирска.