Меѓународна изложба „Двете рози на Исус“, Лизје, Франција

НУ Спомен куќа на Мајка Тереза-Скопје во соработка со Асоцијацијата Les Amis de la Cathédrale de Lisieux на 07.06.2022 година, во катедралата Св. Петар во Лизје, Франција имаше свечено отворање на меѓународната изложба „Двете рози на Исус“. Изложбата се состои од 18 изложбени банери на кои е прикажан животниот пат на Мајка Тереза, како и нејзината врска со Св. Тереза од Лизје, која е патронка на Мајка Тереза. На отворањето на изложбата свое излагање имаше градолачалникот на Лизје – г. Sébastien Leclerc, кој во 2012 година како тогашен градоначалник на Ливоро потпишал Конвенција за меѓународна соработка со Берово. Како почитувач на нашата традиција и култура тој ги истакна и своите впечатоци од посетата на Берово и посочи на сличноста која ја имаат овие два региони, а впрочем поради оваа врска не го криеше и задоволството да биде почесен гостин на отворањето на изложбата. Почесен промотор на изложбата беше Амбасадорот на СРМ во Франција, г-а Јадранка Чаушевска-Димов, која накратко ја објасни врската на Скопје и Лизје, која е создадена од страна на двете светици. На изложбата исто така се обратија и викарот на катедралата отец Лестјен, претседателката на асоцијацијата г-а Мари Катрин Мариот, директорот на Спомен куќата г. Насер Цури и комесарот на изложбата Цветанка Вучковска-Митовска. Во склоп на изложбата имаше и скромен коктел на кој беа промовирани производи карактеристични за двата региони. Во оваа пригода директорот г. Насер Цури, на промоторите на изложбата им врачи подароци и книги кои се производ на Спомен куќата, со што се направи и промоција на овој музеј како единствен во светот кој е посветен на Мајка Тереза. На отворањето на изложбата беа присутни и Jéremie Patrier-Leitus, директор за комуникација на проектот за реновирање на Катедралата Notre Dame, Corinne Lecourt, заменичка на градоначалникот и Ректорот на Базиликата Св. Тереза од Лизjе Отец Оливие Руфрe. Изложбата е подготвена од кустосите на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза-Скопје, во соработка со Amis de la Cathédrale de Lisieux и Phénix Fenêtres France, а истата е финансиски поддржана од Министерството за култура во рамки на Годишната програма за 2022 година. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 17.06.2022 година.