Поврзаноста на света Тереза од Лизје и света Мајка Тереза

Гонџа го одбира името Тереза за нејзино монашко име

Името Тереза има шпанско и португалско потекло. Прв пат е забележано како Therasia, кај жената на Свети Павлин од Нола во IV век. Значењето не е доволно јасно, се смета дека потекнува од грчките зборови θερος (theros) „лето“ или θεριζω (therizo) „да жнее“, илли пак е поврзано со името на островот Терасиа (западниот остров на Санторини).

Света Тереза од Лизје (02.01.1873 – 30.09.1897) позната како Света Тереза од Детето Исус и Светиот лик, е француска монахиња која му припаѓа на редот на Босоноги кармелитки. Популарно е нарекувана како „Малиот цвет“. Света Тереза претставувала многу значаен модел на светост за верниците, заради „едноставноста и практичноста во пристапот кон духовниот живот“. Таа многу рано добива повик да му служи на Бога и на 15 годишна возраст станува монахиња во затворениот Кармелски манастир во Лизје, Нормандија. Последните осумнаесет месеци од животот ги минува во „ноќ на верата“, заболува од туберкулоза и умира на 24 годишна возраст. Според Грегоријанскиот календар нејзиниот празник е денес, на 1 октомври.

Младата Гонџа била инспирирана токму од нејзиниот свет живот и името Тереза го одбира според оваа светица. Може да се заклучи дека и света Тереза од Лизје и света Мајка Тереза допреле до срцата на многу луѓе со својот живот правејќи ги малите нешта со голема љубов.