Промоција на цртан “Maјка Тереза – Петтиот збор”

07 февруари 2017

Во галеријата на Спомен куќата денеска премиерно беше прикажан филмот “Maјка Тереза – Петтиот збор” од продуцентската куќа “Passo Alto” од Барселона, Шпанија. Филмот е во продукција на Пабло Марцет (Шпанија) и е интересна слика за животот и делото на Мајка Тереза. Филмот трае 24 минути, a постпродукцијата, односно синхронизацијата ја направи студио Кларион, а гласовите ги позајмија Снежана Конеска Руси и Томе Витанов. Преводот на македонски јазик го направи Марија Ристовска, професионален преведувач од шпански.

На промоцијата присуствуваа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и третооделенците од основното училиште „Димитар Миладинов“ од Скопје.

Според министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска анимираниот филм зборува за хуманата мисија на Мајка Тереза, за човечките доблести и високи вредности кои сите ние треба да ги почитуваме. Да си помагаме еден на друг, да шириме љубов, позитивна енергија и она што е највозвишено и вредно за секој од нас, за секој човек, тоа треба да се почитува.

Според Снежана Конеска-Руси со нејзиниот колега Томе Витанов имале чест и задоволство да работат на овој проект и порача заедно да ги учиме нештата во животот, почнувајќи од добрината и да завршиме со љубовта.

Хуманоста се учи од мала возраст. Досега беше реализирана сликовницата за деца, ќе се прави превод на англиски јазик, го имаме анимираниот филм. Планирана е и куклена претстава каде ќе бидат вклучени повеќе училишта и на крај ќе се направи манифестација во Спомен-куќата. Планирано е да биде од хуманитарен карактер, да ги научиме децата да направат една хуманитарна претстава, истакна Цветанка Вучковска.