Старата католичка катедрала во Скопје – 55 години од скопскиот земјотрес

Денес кога се одбележува 55 годишнината од скопскиот катастрофален земјотрес се потсетуваме на старата католичка катедрала „Пресвето Срце Исусово“ која била разурната во овој земјотрес.

Католичката катедрала „Пресвето Срце Исусово“ била изградена во 1902 год. на местото каде што денес се наоѓа Спомен куќата на Мајка Тереза, односно на денешна улица „Македонија“. Катедралата била изградена во полуготски стил и претставувала центар за католичките верници од Скопје. Во тоа време, Скопската католичка парохија припаѓала на Скопско – Призренската бискупија. Младата Гонџа (Мајка Тереза) секојдневно ја посетувала токму оваа катедрала, доаѓала на Свети миси и била дел од бројните активности кои во тоа време ги организирала католичката црква. Иако улицата „Македонија“ (тогашна „Маршал Тито“) била практично епицентар на земјотресот, голем дел од градбите поминуваат со мали оштетувања, меѓу нив и католичката катедрала која не била целосно разурната, туку само напукната. Одлуката на втората комисија која одлучувала кои градби да останат, а кои да се срушат заради штетите настанати од земјотресот, била дека католичката катедрала треба да биде срушена. Од старата катедрала останале само две статуи, едната статуа на Света Ана, а втората била статуата на Пресветото Срце Исусово. Се верува дека младата Гонџа секојдневно се молела пред оваа статуа и дека токму пред неа таа го добила повикот да му служи на Бога. Денес, овие две статуи се наоѓаат во новата католичка катедрала во Скопје.