Изложба “Мајка Тереза – Светица од Скопје, Светица на светот”

04 септември 2016

Желбата за да и се оддаде почит на нашата патронка по повод овој историски чин, денот кога Мајка Тереза беше прогласена за светица, НУ Спомен куќа на Мајка Тереза во соработка со Амбасада на РМ при Светата Столица и црквата Св. Станислав во Рим, а финансиски поддржани од Министерството за култура на РМ, ја организираа изложбата „Мајка Тереза- Светица од Скопје, Светица на Светот“. За таа цел изработени се 22 капа-фокс табли, на кои низ 60-тина фотографии пропратени со наративен текст се раскажува за животниот пат на Мајка Тереза, надополнети со цитати и мисли од Мајка Тереза. Комесари на изложбата се Андриана Јелиќ и Цветанка Вучковска – Митовска.

Фотографиите кои се содржани во колажите го прикажуваат детството и младоста на Мајка Тереза, нејзиниот роден град, нејзиното семејство и блиски пријатели. Времето кое го поминува во сестринството Лорето во истоименото училиште во Индија. Формирањето на Мисионерки на милосрдието и нивната работа, посетите на Скопје, фотографии од погребот и беатификацијата, пропратни текстови со објаснување на фотографиите, панели со поважни дати од нејзиниот живот и сл. Изложени се копии од неколку награди кои ги има добиено, а се дел во архивата на Спомен куќата и сл. документи за кои спомен куќата има откупено авторски права.

Изложбата беше надополнета со прикажување на видео-запис откупен од Вардар Филм, на кој се снимени посетите на Мајка Тереза во Скопје. Филмот е преведен и има титл на италијански јазик.
Наша пракса е во склоп на изложбата да се направи промоција на самиот музеј со поставување на изложбен штанд со наши сувенири и публикации.

За потребите на изложбата се изготви и каталог во кој во кратки црти се објаснува содржината на изложбата, а неслучајно се ставени и панорама од Скопје во периодот кога таа живеела тука, и поемата Проштевање, преведена на италијански јазик.

Изложбата беше свечено отворена на денот на канонизацијата на Мајка Тереза 04.09.2016 во црквата Св. Станислав – Via Botteghe Oscure No.15, во 19:30ч и истата ќе биде отворена за посетителите до 18.09.2016 г. Влезот за посета на изложбата не се наплаќа.