Изложба „Наследството на Мајка Тереза“

На 5 септември 2018 год. со отворање на изложба на фотографии под наслов „Наследството на Мајка Тереза“ НУ Спомен куќа на Мајка Тереза го одбележа денот на света Тереза од Калкута, а воедно и Интернационалниот ден на хуманоста.
Изложбата беше отворена 12 часот во подрумскиот амфитеатар на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза. Изложбата ја отворија Андријана Јелиќ и авторката на фотографиите г-ѓа Патриција Морено Руиз – Олалде. Во оваа прилика се изрази благодарност на кураторката на изложбата Цеце Вучковска како и уредничката Рената Кутера Здравковска. Потоа, авторката одржа предавање на кое посетителите имаа можност одблиску да се запознаат со авторката и да слушнат за нејзините волонтерски искуства во домовите на сестрите Мисионерки на љубовта. Преводот од шпански на македонски јазик беше реализиран благодарение на Марија Георгиевска.

Авторката Патриција Морено Руиз – Олалде е фриленс новинар и волонтерка во редот на чесните сестри Мисионерки на љубовта. Преку изложбата „Наследството на Мајка Тереза“ авторката ги пренесува впечатоците од нејзиното волонтерско искуство во центрите кои се раководени од овие чесни сестри. Преку 29 фотографии проследени со текстови за Нирмала Шишу Баван (сиропиталиште за деца), Нирмал Хридај(хоспис за болни од лепра) и Шанти Нагар (дом за болни од лепра) за миг ќе го почувствуваме она што претставува секојдневие за сестрите и волонтерите во редот на сестрите Мисионерки на љубовта.

Поставката ќе биде повремена, што значи дека ќе биде отворена за посетителите и во следните месеци.

Во оваа прилика изразуваме благодарност до Министерството за култура на Република Македонија со чија поддршка оваа изложба се реализира.