Мајка Тереза

ДЕТСТВО И МЛАДОСТ

Гонџа Агнес Бојаџиу е родена на 26 август 1910 година, на тогашната улица „Поп Кочина” број 14, што се наоѓала на сегашниот плоштад Македонија. Таа била најмалото дете во семејството, имала една постара сестра Ага и еден постар брат Лазар. Ага е родена во 1904 година, а Лазар во 1907 година. Податоците за таткото на Гонџа, Никола Бојаџиу, не се докрај расчистени. Според едни тој бил трговец, а според други аптекарски помошник. Тој бил и член на Советот на Скопје како единствен католик. Починал во 1919 година. Мајката Драна била домаќинка и исклучително религиозна жена. Таа потекнува од фамилијата Бернај од Призрен, Косово. Татко ѝ бил трговец и големопоседник.

Гонџа потекнува од добростоечко семејство во кое владеело правилото да се помогне на секој на кој му е потребна помош. Драна била вредна жена и за да им овозможи на децата сигурен живот, по смртта на Никола, почнала да шие и да везе.

Се верува дека името Гонџа го избрал нејзиниот татко. Тоа е турско име и значи пупка или цвет од роза. Кога таа навршила седум години, тргнала на училиште, прво во црквата „Пресвето Срце Исусово”, а подоцна и во државното училиште. Во Католичката црква во Скопје, каде што била крстена само еден ден по своето раѓање, ја примила и првата причест. Гонџа пеела во хор, играла во црковниот и градскиот театар, танцувала, рецитирала, свирела мандолина, пишувала поезија.

Во почетокот на XX век, католичката црква „Пресвето срце Исусово“ во Скопје, била водена од редот на Исусовци. Отец Фрањо Јамбрековиќ, често пати на верниците им читал писма од мисионерки од Индија и Африка и живописно им го објаснувал животот на мисионерките.

Така, тој одиграл голема улога во одлуката на малата Гонџа да замине за Индија и да го посвети својот живот на Бога.

На 12-годишна возраст, добивајќи повик од Бога, таа ја донела конечната одлука да го напушти Скопје.

По шест години таа конечно го напушта родното Скопје. Од железничката станица во Скопје, заминува за Даблин, Ирска. Заедно со мајка ѝ Драна и сестра ѝ Ага заминуваат за Загреб. Оттаму, по две недели и по последната средба со мајка ѝ и сестра ѝ, Гонџа заминува за Ирска.

ЛОРЕТО

Сестрите од Лорето се дел од Институтот на Пресвета Богородица, од 1609 година основан од дваесет и четиригодишната Мери Вонд. Таа и нејзините први придружници го основале првото училиште во Св. Омер (сега во Франција), во куќа која што сѐ уште постои, но е приватно живеалиште.

Денес, сестрите од Лорето работат на голем број активности: програми за описменување, духовно насочување, советување, управување со прифатилишта за бездомни жени, како и во повеќе аспекти во движењето за поголема правда и мир во светот. Тие се активни на секој континент и работат во околу 150 училишта и се задолжени за едукација на над 70.000 ученици.

На 18-годишна возраст, водена од желбата да стане мисионерка, Гонџа го напушта својот дом и родното Скопје за да се приклучи на сестрите од Лорето, во Даблин, Ирска. Таму, го избира името Тереза по својата патронка Св. Тереза од Лизје. Го изучила англискиот јазик, бидејќи сестрите од Лорето го употребувале тој јазик кога предавале во училиштата во Индија. Иако нејзиниот престој во Даблин бил краток, сестрите ја паметат како „многу мала, срамежлива и тивка”.

На 1 декември 1928 година од Ирска тргнува со брод за Индија. Завреме на едномесечното патување ја пишува песната „Проштевање” (оригинално напишана на хрватски јазик под наслов „Опроштај”) во која ги изразува своите размислувања и чувства за напуштањето на родното Скопје и фамилијата и за патувањето во далечната и непозната Индија. Во Калкута, Индија пристигнува на 6 јануари 1929 година.

На 25 мај 1931 година во Дарџилинг го дава својот прв завет како сестра Тереза. Работи како професорка по географија и по веронаука во училиштето Св. Марија во Калкута.

МИСИОНЕРКИ НА МИЛОСРДИЕТО

На 10 септември 1946 година патувајќи со воз од Калкута за Дарџилинг доживува „повик во рамките на повикот” – инспирација да го напушти манастирот на сестрите од Лорето во Калкута и да се посвети на болните и сиромашните.

На 12 април 1948 година, со декрет од папата Пиј XII, добива дозвола да ја започне својата мисија меѓу најсиромашните на улиците во Калкута.

На 7 октомври 1950 година, Мисијата на Сестрите на Љубовта составена, во тоа време, од дванаесет членови, официјално е воспоставена како диоцезиска конгрегација. Во 1965 година, со декрет од папата Павле VI, редот е ставен директно под папска јурисдикција. На тој начин мисијата се шири и надвор од границите на Индија.

На 25 март 1963 година го основа и машкиот ред Браќа на Љубовта.

Денес, има повеќе од 5000 активни Мисионерки на Љубовта во повеќе од 137 држави низ целиот свет.

БЕАТИФИКАЦИЈА И КАНОНИЗАЦИЈА

По неколкугодишната борба со болест на срцето и белите дробови, Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година на 87-годишна возраст. Во знак на благодарност, индиската влада, на 13 септември, организираше погреб со највисоки државни почести.

Две години по нејзината смрт, Папата Јован Павле II, ја започнува диоцезиската фаза од процесот за беатификација и канонизација на Мајка Тереза.

На 19 октомври 2003 година, Папата Јован Павле II ја прогласува Мајка Тереза за Блажена.

На 17 декември 2015 година, Папата Фрањо го одобрува второто чудо потребно за Мајка Тереза да биде прогласена за светица.

На 04 септември 2016 година, еден ден пред годишнината од нејзината смрт (5 септември 1997 година), Папата Фрањо ја прогласува Мајка Тереза за Светица.

НАГРАДИ

Во текот на својот живот, Мајка Тереза, за својата хуманитарна работа,има добиено повеќе од 700 награди и се смета за најнаградуваната личност на XX век.

Позначајни награди и признанија кои ги има добиено се:

  1. 11 август 1962 година – Награда Падма Шри од претседателот на Индија
  2. 31 август 1962 година – Награда Magsaysay Award во Филипини
  3. 6 јануари 1971 година – Папата Павле VI ѝ ја доделува наградата за мир „Папата Јован XXIII”
  4. 16 Октомври 1971 година – Награда Џон Ф. Кенеди
  5. 15 Ноември 1972 година – Награда Jawaharlal Nehru
  6. 25 април 1973 година – Темплетон награда за извонредни заслуги во хуманитарната работа
  7. 1977 година – Титула Doctor Honoris Causa по Теологија на Универзитетот Кембриџ
  8. 1978 година – Награда од Фондацијата Балзан за хуманост и мир меѓу луѓето
  9. 10 декември 1979 година – Нобелова награда за мир
  10. 22 март 1980 година – Награда Барат Ратна (Скапоцен камен) – највисоко државно признание на Индија
  11. 27 јуни 1980 година – Прогласена за почесен граѓанин на Скопје
  12. 24 ноември 1983 година – Орден Order of Merit од кралицата Елизабета II
  13. 1985 година – Претседателски медал за слобода доделен од претседателот на САД Роналд Реган
  14. 1996 година – Прогласена за почесен државјанин на САД
  15. 5 јуни 1997 година – Конгресен златен медал на САД