Мајка Тереза

Младата Гонџа се посветува на Бога во редот на сестрите од Лорето

На 18-годишна возраст, водена од желбата да стане мисионерка, Гонџа го напушта својот дом и родното Скопје за да се приклучи на редот на сестрите од Лорето, во Даблин, Ирска. Таму, го избира името Тереза по својата патронка Св. Тереза од Лизје. Го изучила англискиот јазик, бидејќи сестрите од Лорето го употребувале тој јазик кога предавале во училиштата во Индија. Иако нејзиниот престој во Даблин бил краток, сестрите ја паметат како „многу мала, срамежлива и тивка”.

На 1 декември 1928 година од Ирска тргнува со брод за Индија. За време на едномесечното патување ја пишува песната „Проштевање” (оригинално напишана на хрватски јазик под наслов „Опроштај”) во која ги изразува своите размислувања и чувства за напуштањето на родното Скопје и фамилијата и за патувањето во далечната и непозната Индија. Во Калкута, Индија пристигнува на 6 јануари 1929 година.

На 25 мај 1931 година во Дарџилинг, Индија, го дава својот прв завет како сестра Тереза. Работи како професорка по географија и по веронаука во училиштето Св. Марија во Калкута.

Институт на Блажена Дева Марија – Сестри од Лорето

Институтот на Блажена Дева Марија (членките на оваа заедница се познати како Сестри од Лорето) е католичка религиозна конгрегација (монашка заедница/заедница на чесни сестри) на жени чија мисија е образованието. Оваа заедница е основана 1069 година во Сент Омер, Франција, од англичанката Мери Вард. Конгрегацијата го до била називот според светилиштето на Богородица во Лорето, Италија, каде Вард често доаѓала на поклонение и молитва. Вард е прогласена за преподобна од папата Бенедикт XVI на 19 декември 2009 година.

Денес овие чесни сестри имаат широк спектар на делување: програми за описменување, духовни водства, советување, управување на згрижувачки центри за бездомни жени, а разни аспекти на движењето се залагаат за поголема правда и мир во светотот. Тие се активни на секој континет. Сестрите од Лорето делуваат во 150 училишта низ светот, едуцирајќи над 70.000 ученици.