На 26 август се одбележуваат 108 години од раѓањето на Мајка Тереза

На 26 август се одбележуваат 108 години од раѓањето на најпознатата скопјанка Мајка Тереза.
 
Гонџа Агнес Бојаџиу била родена на 26 август 1910 година во Скопје, на тогашната улица „Поп Кочина” број 14, која се наоѓала на денешниот плоштад Македонија. Таа била најмалото дете во семејството, имала една постара сестра Ага (1904-1973) и еден постар брат Лазар (1907-1981). Името Гонџа на турски јазик значи пупка или цвет од роза, а се верува дека ова име го одбрал нејзиниот татко.
Нејзините родители се викале Никола (1878 – 1919) и Драна [р.Бернај] Бојаџиу (1889-1972).
Татко ѝ на Гонџа, Никола Бојаџиу, бил угледен граѓанин во тогашно Скопје. Според едни податоци тој бил трговец, а според други, аптекарски помошник. Исто така, тој бил член на Советот на Скопје како единствен католик. Починал во 1919 година, кога Гонџа имала 8 години.
Мајка ѝ Драна била домаќинка и исклучително религиозна жена. Таа потекнува од фамилијата Бернај од Призрен, Косово. Татко ѝ бил трговец и големопоседник. Драна била вредна жена и за да им овозможи на децата сигурен живот, по смртта на Никола, почнала да шие и да везе.

Католичката парохија „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје има значајна улога во формирањето на на Гонџа. Во католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ таа била крстена само еден ден по нејзиното раѓање, а на седум години ја примила првата Света причест. Своето образование го започнала во основното училиште при Католичката црква, а подоцна образованието го продолжила во државното училиште. Малата Гонџа имала многу интереси, пеела во хор, играла во црковниот и градскиот театар, танцувала, рецитирала, свирела мандолина и пишувала поезија.

На почетокот на XX век, католичката црква „Пресвето срце Исусово“ во Скопје била раководена од Исусовата Дружба. Тоа е машка монашка заедница чии членови се нарекуваат Исусовци, познати по нивното делување во науката и во многу општествени активности. Парохот на тогашната скопска парохија бил хрватскиот исусовец отец Фрањо Јамбрековиќ (SI). Тој често пати на верниците им читал писма од мисионерки од Индија и Африка и живописно им го објаснувал животот на мисионерките. На тој начин тој одиграл голема улога во одлуката на малата Гонџа да замине за Индија и да го посвети својот живот на Бога. Така уште на 12-годишна возраст, таа добива повик од Бога, кога длабоко во срцето ја донела одлуката да го напушти Скопје за да замине во мисии.

Во перидот кога Гонџа се родила Скопје било дел од Осмалниското Царство. Во Балканските војни 1912 год. го завзема српската војска и станува дел од Краљевина Србија. Од 1918 год. таа е во состав на Кралството СХС (Кралството на Србите, Хрватите и Словенците).