Предавање за Јежи Попелушко од страна на Јан Сохоњ

06.10.2017

На 06.10.2017 година со почеток во 18 часот во НУ Спомен куќа на Мајка Тереза се одржа предавање за Јежи Попелушко од страна на Јан Сохоњ.

Јежи Попелушко (1947-1984) е легендарен капелан на “Солидарношч”. За време на вондредната состојба во Полска им помагал на репресионираните и им давал поддршка на работниците и нивните семејства. Во црквата на св. Станислав Костка организирал таканаречени миси за Татковината. На неговите богослужби секогаш биле присутни илјадници луѓе. Бил познат во Варшава и цела Полска поради својата храбра критика и спротивставувањето на комунистичкиот режим. Истовремено, бил многу воздржан од ширење омраза кон своите неистомисленици. Се залагал за почитување на достоинството на човекот, човечките права за слобода, правда и праведност. Властите на комунистичка Полска, неговото делување го оцениле како штетно за постоечкиот комунистички систем. На 19 октомври 1984 година тој е киднапиран и убиен од припадниците на безбедносните служби. На неговиот погреб биле присутни голем број негови почитувачи и истомисленици. На 6 јуни 2010 година Јежи Попелушко е прогласен за блажен.

Јан Сохоњ е професор на Универзитетот на кардиналот Вишински во Варшава. Во 1977 година завршил полска филологија на Варшавскиот Универзитет. Од 1979 до 1984 година студира теологија. Истовремено од 1981 до 1985 година студира филозофија на Папски Теолошки факултет во Варшава. Од 1986 година започнува со докторски студии по христијанска филозофија на Универзитетот во Лублин, каде во 1991 година ја брани докторската дисертација. Од 1999 година е професор на Универзитетот на кардиналот Вишински во Варшава. Покрај ова, Јан Сохоњ е познат полски поет, теолог и книжевен критичар. Член е на Полското филозофско друштво, Научното друштво на КУЛ и и полскиот PEN club.