„Проштевање“ од Гонџа Бојаџиу

Кога на 1 декември 1928 година младата Гонџа со брод од Ирска заминува за Индија ја пишува песната „Проштевање” (оригинално напишана на хрватски јазик со наслов „Oproštaj”). Преку неа можеме да видиме како таа ги изразува своите размислувања и чувства за напуштањето на родното Скопје и најблиските, како и предаденоста на Божјата волја и следењето на повикот кој го почувствувала длабоко во нејзиното срце.

ПРОШТЕВАЊЕ

Ја оставам милата куќа зад себе
И мојот сакан роден крај.
Во Бенгал жежок ќе преминам,
Во тој далечен на светот предел.
Ги оставам блиските свои
Го напуштам родот и домот свој.
Срцето ме влече овој час
На Христос да му служам јас.
Ах, збогум, мајко мила,
Збогум останете сите вие,
Ме нагони мене Виша сила
Накај горештата Индија.
Параходот трга лека – полека,
Морската шир мирно го чека,
Окото мое за последен пат ги мерка
Живописните заливи на Европа.
На бродот стои смерна –
Со озарено и спокојно лице –
Новата и малечка Христова
Свршеница, ем покорна, ем верна.
Во рацете крст железен држи
Со образот на светиот Спас
А душата жртва тешка и принесува
Во тој неизмерно болен час.
„Оваа жртва, прими ја, Боже,
Во знак на љубовта моја насушна.
На ова суштество кревко сила дај му,
Името да Ти го слави, да може!
За возврат само, те молам здушно,
О преподобни Оче наш,
Милосрдна Ти душа дај ми,
Душа ширна – по твојата мерка безмерна!“
Дробни и чисти како летна роса
Солзите врели веќе тивко ронат,
Сведоштво за жртва стамена тие носат,
Жртва посветена, на пат судбински запатена.
– Гонџа Бојаџиу, 1928