110 години од раѓањето на Мајка Тереза

Денес, 26.08.2020 година, навршуваат 110 години од раѓањето на Мајка Тереза, една од најголемите хуманистка и најнаградуваната личност на 20от век.

Родена како Гонџе Агнес Бојаџиу, на 26.08.1910 година во Скопје, уште како мала знаела по кој пат сака да и се движи животот. Почнувајќи со мали нешта, помагајќи на другарчињата и во католичката црква, полека но сигурно, го градела патот до светицата која сите ја знаеме денес.
Родното Скопје го напушта на 18 годишна возраст, за да замине во Даблин и да се приклучи на Католичкиот ред од Лорето, каде и официјално го зема името Тереза. Од таму заминува за Индија каде го поминува остатокот од животот. Нејзината хумана страна е постојана присутна, како наставничка во училиштето Света Марија, но и надвор на улиците каде целото слободно време безусловно го отстапила на децата кои не можеле да одат на училиште.
Во 1950 година, по напуштањето на сестрите од Лорето, формира свој ред – Мисионерки на љубов. Заштитен знак на сестрите станува белото сари со сини ленти. Денеска овој ред брои повеќе од 5000 сестри кои го исполнуваат аманетот оставен од Мајка Тереза – да се помага безусловно на сите на кои им треба помош.
Љубовта кон децата и го донесе епитетот мајка, откако едно сосема случајно ќе ја нарече мајко. Така таа станува мајка на сите беспомошни, овозможувајќи сите да осетат барем трошка љубов во својот живот.
За својата хуманитарна работа има добиено повеќе од 700 награди, а најпозната е нобеловата награда за мир во 1979 година.
Мајка Тереза почина на 05.09.1997 година, на 87 годишна возраст во Калкута, Индија. Во 2003 година, од католичката црква, беше прогласена за Блажена. На 05.09.2016 година официјално беше прогласена за Света Тереза од Калкута.