111 години од раѓањето на Мајка Тереза

Денеска, 26 август 2021 година, се одбележуваат 111 години од раѓањето на Мајка Тереза.

Мајка Тереза, родена како Гонџа Бојаџиу, е една од најголемите хуманистки на 20от век. Родена во Скопје, во албанско католичко семејство, уште од мала знаела дека сака животот да го посвети помагајќи на најсиромашните. За таа цел, на 18 годишна возраст, го напушта Скопје и заминува за Даблин, Ирска каде што се приклучува на Сестрите од Лорето и станува калуѓерка. Таму, официјално, го менува своето име од Гонџа во сестра Тереза. Од таму заминува за Индија, каде го поминува остатокот од животот. Во 1950 година формира свој ред на мисионерки – Мисионерки на милосрдие. Заштитен знак на мисионерките станува белото индиско сари со сини ленти. За својата хуманитарна работа, Мајка Тереза, има добиено повеќе од 700 награди, а најпозната е Нобеловата награда за мир. Починува на 05 септември 1997 година и е погребана во Калкута, Индија. Во 2003та година официјално беше прогласена за блажена, а во 2016та за Света Тереза од Калкута.