Изложба “Мајка Тереза – Светица од Скопје, светица на светот” во Токио, Јапонија

28.11.2017

Во Универзитетот Софија, во Токио, Јапонија во 17 часот на 28 ноември 2017 година беше отворена изложбата “Мајка Тереза – Светица од Скопје, светица на светот”. Изложбата беше реализирана во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Јапонија и амбасадорката Андријана Цветковиќ.

На отворањето на изложбата свое обраќање имаа амбасадорот на РМ во Јапонија др. Андријана Цветковиќ, директорот на Спомен куќата на Мајка Тереза г-ѓа Рената Кутера Здравковска, претседателот на Универзитетот Софија г-н Јошиаке Терумичи, г-ѓа Таеко Тада и Отец Хироми Катајанаги.

Изложени се 24 колажи со фотографии и текстови, преку кои се прикажува старо Скопје-родниот град на Мајка Тереза, детството и младоста на Гонџа, преминот од Гонџа во сестра Тереза, позначајни награди, нејзината смрт, беатификацијата и канонизација како и нејзината посета на Јапонија и на Универзитетот Софија во  1981, 1982 и 1984 година. Освен колажите, на изложбата се прикажани и фотографии од реномираниот јапонски фотограф г-дин Цунехико Момосе.

Оваа изложба, на италијански јазик, прво беше прикажана во Рим на 04.09.2016 година по повод канонизацијата на Мајка Тереза. Потоа, на англиски јазик, беше поставена во рамки на 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог од 3ти до 5ти ноември 2016 година, во хотелот Епинал во Битола. Оваа година, изложбата, на полски јазик, беше поставена во Катовице, во Центарот за научни информации и академска библиотека; во Киелце, како дел од саемот Sacroеxpo и во Познањ во црквата Св. Станислас. Исто така,  по повод една година од канонизацијата на Мајка Тереза и 20 години од нејзиното упокојување изложбата на 04 септември беше поставена во просториите на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза.