Изложба “Животниот пат на Тоше”, НУ Спомен куќа на Мајка Тереза

18 декември 2017

По минатогодишното гостување со изложбата „Вечниот ангел на милосрдието“ во Крушево,  Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје е домаќин на изложбата „Животното дело на Тоше“ организирана од Спомен куќата на Тодор Проески од Крушево. Изложбата се отвори на 18 декември 2017 година во 13 часот. Истата се состои од фотографии од Тоше од кои дел се досега необјавени и цртежи нацртани од студентите од Штипскиот универзитет за одбележување на 10 години од неговата смрт. Изложбата се отвора овој период од годината затоа што и Тоше околу празникот Свети Никола ги правел хуманитарните концерти и собраните средства ги донирал за децата без родители. Освен фотографиите ќе се прикажува и видео од најзначајните моменти од животот и кариерата на Тоше, врачувањето на наградата „Мајка Тереза“, како и снимки од Спомен-куќата во Крушево.

На отворањето на изложбата се обратија директорките на двете национални институции, Рената Кутера-Здравковска и Елена Мирчевска.

Тоше во 2004 година во МАНУ доби плакета и бронзена статуетка „Мајка Тереза“ за својата хуманост. На последниот концерт што го одржа на стадионот на 5 октомври 2007 година кој, исто така, беше хуманитарен и наменет за подобрување на условите во образованието, Тоше доби осветена стауетка од бел мермер „Мајка Тереза“ која им  ја посвети на своите родители.