Mеѓународна изложба “Двете рози на Исус”

НУ Спомен куќа на Мајка Тереза – Скопје, со големо задоволство ја најавува претстојната меѓународна изложба “Двете рози на Исус”, која ќе се отвори на 7ми јуни 2022 година, во катедралата Св. Петар во Лизје, Франција. Мајка Тереза е родена како Гонџа Агнес Бојаџиу, во Скопје, на 26ти август 1910 година. Значењето на нејзиното име е пупка од роза, но кога се приклучува на сестрите од Лорето ја одбира Света Тереза од Лизје за нејзина патронка. Знаејќи дека Света Тереза е позната како малата роза на Исус, Цветанка Вучковска – Митовска, авторката на оваа изложба дојде до идеја името на овој проект да биде “Двете рози на Исус”. -“Ова е идеја што се развиваше низ повеќе години, но овој пат во соработка со Асоцијацијата на пријатели на Катедралата во Лизје, ова беше исполнување на сонот. Да се биде дел од поврзувањето на двете светици, во ваков свет град, има посебно значење за мене како куратор. Се надевам дека оваа изложба ќе не потсети да правиме мали нешта со голема љубов и да се смееме повеќе бидејќи насмевката носи мир.” – рече Митовска. Оваа изложба финансиски е поддржана од Годишната програма за проекти од национален интерес во културата за 2022 година, од Министерството за култура на РСМ. -“Спомен куќата на Мајка Тереза е најпосетуваниот музеј во нашата држава и до сега сме имале повеќе интернационални изложби (Италија, Јапонија, Белгија, Словенија, Полска…). Оваа е од особено значење за нас поради поврзаноста меѓу Мајка Тереза и Света Тереза. Исто така, се надевам дека оваа изложба ќе ги поттикне жителите на Франција да го посетат нашиот град и музеј” – изјави директорот на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза – Скопје, Насер Цури. На отворањето ќе присуствува Амбасадорката на РСМ во Франција, г-а Јадранка Чаушевска – Димов, која ќе биде промотор и специјален гостин. Изложбата за посетители ќе биде отворена од 7ми јуни до 17ти јуни 2022 година. Поддржувачи на оваа изложба се катедралата Св. Петар во Лизје, Асоцијацијата на пријателите на Катедралата од Лизје и Phénix Fenêtres France.