За музејот

ИСТОРИЈАТ

Желбата да ѝ се оддаде почит на најпознатата скопјанка и единствената нобеловка од Македонија, резултираше со реализирање на долгопосакуваната идеја за изградба на Спомен-куќата на Мајка Тереза. По тој повод, на 9 мај 2008 година, беше поставен камен-темелникот на спомен-куќата. По само девет месеци беше изграден објектот посветен на најхуманата жена на светот. Спомен-куќата за посетителите беше официјално отворена на 30 јануари 2009 година.

Локацијата на објектот не е случајно избрана. Имено, на ова место, до земјотресот во 1963 година се наоѓала католичката црква „Пресвето Срце Исусово” во која Мајка Тереза, тогаш Гонџа Бојаџиу, била крстена само еден ден по своето раѓање.

Од отворањето во 2009 година, па сѐ до денес, спомен-куќата е посетувана од 80.000 до 100.000 посетители годишно, меѓу кои биле и голем број претседатели на држави, министри, амбасадори, црковни великодостојници, Аге, внуката на Мајка Тереза, кардиналот Пјетро Паролин (државен секретар на Ватикан), отец Лео Масбург (биограф на Мајка Тереза), Марија Према (генералната сестра на редот на „Милосрдните сестри“) како и многу други.