Европски денови на културно наследство

ЕВРОПСКИ ДЕНОВИ НА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО
27.09 – 07.10.2018

Оваа година е прогласена за Европска година на културното наследство, па така овогодинешното издание на Европските денови на културното наследство во повеќето европски држави, вклучително и кај нас, ќе бидат одбележани под мотото „Европска година на културното наследство: Уметноста на споделувањето“. Во Р. Македонија мaнифестацијата ќе се одржи во периодот од 27 септември до 7 октомври 2018 година. Ќе бидат вклучени бројни институции со пригодни настани, изложби и други активности, преку кои ќе се насочи вниманието на јавноста кон нашето богато културно наследство.

Оваа година дел од Европските денови на културно наследство е и НУ Спомен куќа на Мајка Тереза чии врати ќе бидат отворени за посетителите во стандардното работно време, а освен постојаната изложба, посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат и изложбата „Наследството на Мајка Тереза“.

Одбележувањето на Европските денови на културното наследство на европско ниво започна во септември 1991 година, на иницијатива на Советот на Европа и со поддршка од страна на Европската унија. Република Македонија се приклучи кон ова одбележување во 1996 година. Целта на манифестацијата е подигнување на свеста кај пошироката јавност за заедничкото европско наследство. Во текот на повеќедецениската реализација, Европските денови на културното наследство прераснаа во најголем европски проект поврзан со наследството. Во Република Македонија, реализацијата на активности поврзани со овој настан повеќе од дваесет години дава голем придонес кон приближување на културното наследство до пошироката публика, особено до помладите генерации.
#EuropeForCulture