Изложба во рамките на четвртата Светска Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог

03 ноември 2016

Во рамки на 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог од 3ти до 5ти ноември 2016 година, во хотел Епинал во Битола, НУ Спомен куќа на Мајка Тереза се претстави со изложбата „Мајка Тереза – светица од Скопје, светица на светот“ која претходно беше претставена и во Рим по повод канонизацијата на Мајка Тереза. Фотографиите го прикажуваат животниот пат на Мајка Тереза преку нејзиното детство и младост поминати во Скопје, времето кое таа го поминува во сестринството Лорето во Даблин, Ирска, а подоцна и во Индија. Формирањето на нејзиниот ред на мисионерки и нивната работа како и беатификацијата на Мајка Тереза во 2003 година. Комесар на изложбата е Снежана Алексовска.

Изложбата беше отворена од страна на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, a свое обраќање имаше и директорката на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека Мајка Тереза е богатство на нашата современост, нејзиниот живот е уникатно сведоштво за бескрајната пожртвуваност кон другиот човек, за возвишената смисла на животот која честопати се заборава. Токму затоа една од заложбите на Владата на Република Македонија и Министерството за култура во сите овие изминати години беше на еден достоен начин да оддадеме почит кон делото на Мајка Тереза која ја задолжи нашата колективна меморија и остави наследство кое имаме обврска да го опредметиме.