Изложба посветена на Милка Ефтимова

Ни претставува особено задоволство да ве поканиме на Изложба посветена на Милка Ефтимова, по повод 25 Октомври – Денот на Операта. Отворањето на истата ќе се одржи на 27.10.2025 во 12ч во Амфитеатарот на Спомен куќа на Мајка Тереза. Изложбата е резултат на соработка меѓу НУ Спомен куќа на Мајка Тереза и Музеј на Македонската борба за самостојност.

Изложбата ја слави уметноста, животот и хуманоста на Милка Ефтимова (1936–2025) – првенка на Македонскиот народен театар, оперска пејачка со меѓународна кариера и посветен педагог кој остави траен белег врз генерации музичари. Родена во Радовиш, таа го понесе својот глас до најголемите сцени, но секогаш остана длабоко поврзана со луѓето, со земјата, со ученикот.

Сместена во Спомен куќата на Мајка Тереза, оваа изложба го нагласува спојот меѓу уметноста и хуманоста-двете сили што ја воделе Ефтимова низ животот. Нејзината сценска величина никогаш не беше одвоена од човечноста што ја покажуваше надвор од сцената – преку помагање, поддршка, и грижа за младите таленти, за колегите, за заедницата.


Изложбата е поставена во Спомен куќата на Мајка Тереза како симболичен спој на музиката, хуманоста и женската сила. Кураторките Елизабета Марковска (Музеј на Македонската борба за самостојност) и Цветанка Вучковска-Митовска (НУ Спомен куќа на Мајка Тереза-Скопје) преку оваа поставка го осветлуваат не само професионалниот пат на Ефтимова, туку и нејзината тивка, но длабока мисија: да инспирира, да охрабрува, да подаде рака – со истата благост и посветеност со која Мајка Тереза им приоѓаше на луѓето. Нивниот пат бил различен, но ги поврзуваше истата човечка потреба: да се служи на другите преку љубов, грижа и дело.