Мирот започнува со НАСМЕВКА

Вчера, 26.8.2025 година, во просториите на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза, се отвори изложбата „Мирот започнува со НАСМЕВКА“. Изложбата е по повод 115 години од раѓањето на Мајка Тереза. Составена е од фотографии и нејзини инспиративни цитати.

Изложбата ја отвори в.д. директорката Соња Кузмановска која истакна дека низ фотографиите ќе се потсетиме за несебичната љубов  на Мајка Тереза кон ближните, болните и сиромашните. Таа градела мостови на разбирање и соочување со болката преку добрина и безусловна љубов. Животот и делото на Мајка Тереза претставуваат вечна светлина и траен потсетник на вистинските вредности – човечноста, љубовта и мирот. Мирот започнува во нас самите.

Потоа на присутните им се обрати Снежана Алексовска, кустос, која кажа дека изложбата претставува избор од фотографии и цитати кои ја доловуваат суштината на нејзината мисија – да се биде светлина таму каде што има темнина. Дека идејата на денот и изложбата не е само да им оддадеме почит на нејзиниот живот и дело, туку и да се потсетиме на вредностите што таа ги застапуваше и живееше – љубовта, сочувството, простувањето, грижата за најслабите и силата на еден искрен, човечки гест – насмевката.

На отворањето на изложбата присуствуваа Зоран Љутков, министер за култура и туризам, монсињор Кирил Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх, сестри- мисионерки на љубовта и поголем број љубители на хуманоста и животот и делото на Мајка Тереза. Министерот за култура и туризам, времето после отворањето на иложбата го искористи за разглед на Спомен куќата и постојаната поставка.

Автори на изложбата се Андриана Јелиќ, кустос-советник, Снежана Алексовска, кустос и Цветанка Вучковска-Митовкса, виш кустос. Како дел од изложбата изработена е брошура со текст (автор: Андриана Јелиќ), кој поблиску не доближува до животот на Мајка Тереза и самата идеја позади изложбата.