Оперска одисеја: Наследството на Милка Ефтимова

На 27ми октомври, во просториите на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза, по повод светскиот ден на операта, 25ти октомври, со гордост беше отворена изложбата посветена на големата македонска оперска пејачка Милка Ефтимова. Автор е Василија Чали, а кураторки се Елизабета Марковска од Музејот на македонската борба за самостојност и Цветанка Вучковска – Митовска од Спомен – куќата на Мајка Тереза. Изложбата е резултат на соработка меѓу НУ Спомен куќа на Мајка Тереза и Музеј на Македонската борба за самостојност, и следува по потпишаниот меморандум во 2024 година и неколку претходни соработки.

Пред присутните се обратија в.д. директорката на Спомен куќата на Мајка Тереза – Соња Кузмановска, в.д. директорката на Музејот на македонската борба за самостојност – Анче Илиевска, и Александар Трајковски, музички публицист и педагог.

Изложбата претставува срдечен омаж на една извонредна уметница. Преку фотографии поставката ја оживува нејзината посветеност, емоција и љубов кон операта — уметност која обединува култури, нации и срца.

Им се заблагодаруваме на сите што беа дел од ова прекрасно културно доживување и ги покануваме сите љубители на музиката и културата да ја посетат изложбата во наредните денови.