Промоција на сликовницата „Мајка Тереза – Приказна за добрината“

14 јануари 2016

Промоција на првата сликовница на македонски јазик посветена на нашата сограѓанка „Мајка Тереза-приказна за добрината“ од авторот Цветанка Вучковска. Главната цел на сликовницата е да се претстават најголемите доблести на Мајка Тереза, а тоа е хуманоста и стремежот светот да се направи подобро место за живеење. Сликовницата содржи 28 страни и изработени се вкупно 27 илустрации.

Оваа сликовница е едно навистина интересно четиво за децата кое на еден позитивен начин ќе влијае врз нивната едукација, врз развојот на личноста кај најмладите, врз нивната перцепција за вистинските вредности во животот кои мора да се негуваат и да се почитуваат, изјави Елизабета Канческа-Милевска.

Честа да направиме прва детска книга за Мајка Тереза ни припадна токму нам. Во текот на работата, сфативме дека покрај честа голема е и одговорноста. Приказната за најпознатата хуманитарка на целиот свет да им се претстави на најмалите читатели е огромна, рече Вучковска. Додаде дека затоа се решила да пишува кратки, разбирливи разговори, инспирирани од вистински настани кои ги доживеала младата Гонџа, а подоцна и самата Мајка Тереза, изјави авторката Цветанка Вучковска.

Ученичката Милијана Стојановиќ од ОУ „Лазо Ангеловски“ од општина Аеродром ја изрецитира поемата од Мајка Тереза „Проштевање“ и прочита извадок од сликовницата.