Прoмoцијa нa видеo презентација „Тишината раскажува за Мајка Тереза“

21 јануари 2016

Во досегашното постоење на Спомен куќата, констатиравме дека дел од публиката се лица со оштетен слух, глуви и наглуви лица. Класичниот пристап кон оваа целна група со разгледување на фотографии и документи, може да биде сувопарен и помалку атрактивен. Затоа сметавме дека посетата на овие лица ќе биде поатрактивна и појасна ако биде збогатена со прикажување на филм во кој толкувач ќе ја раскаже приказната за Мајка Тереза на знаковен јазик. Имајќи ја предвид мисијата на Спомен куќата во секојдневното работење да ги негува и афирмира моралните вредности на Мајка Тереза, сметавме дека со реализација на овој филм, лицата со оштетен слух и говор ќе ги запознаат основните факти за животот на нашата патронка.

Во филмот “Тишината раскажува за Мајка Тереза”, се прикажуваат фотографии и документи од животот, работата, смртта и беатификацијата на Мајка Тереза, пропратени со снимка на која толкувачот ги објаснува фотографиите и документите, односно ја раскажува приказната за нашата најпозната сограѓанка.

Филмот е во реализација на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза, продукциски обработен од Инфинити Арт Фото ДООЕЛ, а лиценциран толкувач на знаковен јазик е Виолета Згонц која ни беше предложена од страна на Сојузот на глуви и наглуви лица. Автор на проектот е Цветанка Вучковска – кустос, а главен и одговорен уредник г-а Рената Кутера Здравковска.

“Единствено за посетителите со оштетен слух имавме впечаток дека се ускратени и оттаму потекна идејата за реализација на овој проект, кој е во духот на нашата најпозната хуманитарка. Оваа видеопрезентација ќе биде раскажувана секогаш кога ќе има потреба од тоа, без оглед дали се работи за организирани групи или индивидуални посети. Освен класично прикажување на видеобим, набавивме и преносен уред на кој е снимен овој видеоматеријал наменет за индивидуалните посети“, истакна Цветанка Вучковска.

„Оваа презентација ќе овозможи овој спомен-дом да стане ново свратилиште за лицата со оштетен слух во кое запознавајќи се со високите морални вредности, со сето она што Мајка Тереза му го подари на човештвото, ќе ја надградуваат сопствената едукација и активно ќе се интегрираат во нашето културно и општествено живеење“, истакна Елизабета Канческа-Милевска.

На промоцијата присуствуваше и хрватскиот академик Дарко Гашпаровиќ, годинeшен добитник на Светската награда за хуманизам која ја доделува Охридската академија за хуманизам.