Светилиштето на Богородица Летничка и младата Гонџа Бојаџиу
Летница е село кое се наоѓа на југозападот на Косово, на падините на Скопска Црна Гора на 755 м надморска висина. Од Приштина е оддалечено околу 50 км по воздушна линија, а од Скопје 30 км. Ова место претставува древно светилиште на Богородица каде веќе 700 години доаѓаат не само верници католици, туку и муслимани и православни христијани.
Црквата во Летница е една од најубавите градби на Косово и е познато место за поклонение. Црната статуа на Богородица (која се наоѓа во централниот дел на црквата) е направена од дрво, а верниците сметаат дека е чудотворна. Се верува дека била направена пред повеќе од 400 години, во стилот на Микенанџело. Некои верници тврдат дека го забележале феноменот познат како миротечение, а други пак тврдат дека искусиле чудотворни излекувања. Чести поклоненици во Летница се парови кои не можат да имаат деца.
Уште како многу мала, во ова Богородично светилиште редовно доаѓала младата Гонџа заради кревкото здравје. Неа благопријатно и влијаел чистиот воздух и убавата природа која е главна карактеристика на ова место. Се смета дека токму во ова светилиште на празникот Голема Богородица (15 август според Грегоријанскиот календар) во 1928 година Гонџа ја донела дефинитивната одлука да го посвети животот на Бога.


