Јубилејна изложба – 15 години НУ Спомен куќа на Мајка Тереза
На 16ти септември, во амфитеатарот на НУ Спомен куќата на Мајка Тереза, во 13 часот официјално беше отворена Јубилејната изложба со која се слави 15 годишнината од отворањето на Спомен куќата. Како дел од настанот беше промовиран и каталог.
Настанот го отвори в.д. директорката Соња Кузмановска, која нагласи дека Спомен куќата е подготвена да ја продолжи својата мисија за инспирација и едукација, водена од истите вредности што ги отелотвори Мајка Тереза: љубов и сочувство и напомена дека е светилник на инспирација за сите што ја посетуваат. Се заблагодари на сите вработени за нивната посветеност во изминатите 15 години, како и на сите поддржувачи кои се дел од заедничкиот успех.
Потоа на присутните им се обрати Снежана Алексовска – виш кустос, која се осврна на структурата на самата изложба која се состои од 17 колажи на кои преку 7 теми се прикажани дел од најзначајните проекти и изложби. Посебен акцент стави на проектите за инклузивност: видео презентација за глуви и наглуви лица на знаковен јазик, водич со брајово писмо и водич за лица со дислексија. Се спомнаа и 13те меѓународни изложби, како и проектот Културен караван кој досега е реализиран во повеќе институции низ државата. На изложбата може да се погледнат и повеќе извадоци од 18те книги на впечатоци пополнети од посетителите, а меѓу нив и до многу претседатели на држави и собранија, премиери, министри, амбасадори, градоначалници и високи свештени лица. Како дел од Спомен куќата, а со тоа и дел од изложбата е и капелата која во 2019та од страна на папата Франциск беше прогласена за светилиште. Напомени дека се и горди на музејската продавница чија што понуда на сувенири постојано се зголемува.
Во продолжение на настанот се обрати Цветанка Вучковска – Митовска – виш кустос, која се заблагодари на сите оние кои биле дел од спомен куќата изминатите 15 години. Беа доделени благодарници на претходните раководни лица: Рената Кутера – Здравковска, Аријан Асланај и Насер Цури. Благодарници имаше и за претходните вработени Даница Ангова, Сузана Гласновиќ и Јасна Кристаниќ кои својот работен стаж го завршија во оваа институција но сé уште се дел од нашата фамилија, Нарона Љума, Жаклина Глигоровски и Марина Спировска кои својот пат го продолжија во други институции. Благодарница се додели на католичката црква “Пресвето срце исусово”, со која, како што Цветанка нагласи, спомен куќата соработува од самите почетоци како една целина. Исто така благодарници имаше и за Сестрите мисионерки на љубовта како и за Министерството за култура со чија поддршка спомен куќата секоја година реализира поголем број на проекти.
На крај, на присутните им се обрати Андриана Јелиќ – кустос советник, која го претстави проектот “Пристапност за сите” – тактилни слики од архивата на Спомен куќа на Мајка Тереза, со кој се заокружи едно поглавје од работата на спомен куќата. Проектот е составен од 10 фотографии изработени на капсуларна хартија кои со помош на допир и пропратени со аудио водич и брајово писмо ќе придонесат за едно мултисензорно искуство кај слабовидните и слепи лица. Потоа таа ги покани сите присутни да ја погледнат изложбата.













