Новогодишни подароци на децата штитеници во домот на Мисионерките на милосрдие

23 декември 2020

НУ Спомен куќа на Мајка Тереза, како дел од реализацијата на проектот “Превод и печатење на сликовница”, реши да подари едукативни новогодишни подароци на децата штитеници во домот на Мисионерките на милосрдие. Подароците, освен едукативни материјали и школски прибор, ја содржеа и сликовницата “Мајка Тереза – Приказна за добрината”, напишана од Цветанка Вучковска – Митовска. Главната цел на сликовницата е да се претстават најголемите доблести на Мајка Тереза, а тоа е хуманоста и стремежот светот да се направи подобро место за живеење. Сликовницата содржи 28 страни со текст и 27 илустрации.

Поради ситуацијата со КОВИД 19 бевме спречени да извршиме јавна промоција на сликовницата во спомен куќата и сметавме дека на овој начин најрепрезентативно ќе ја поддржиме мисијата на нашата патронка – да подариме љубов на децата кои таа ги сметаше за најголемо богатство.